/Поглед.инфо/ Дойде време да прочетем текст на аутсайдера-класик Младен Сърбиновски така, както е написан. На македонски, ако и повечето от нас да смятат, че това е просто развален български. Може и така да е, но тази книжовна норма е част от усещането за идентитет на нашите западни съседи, за някои – първи братовчеди.

 Текстът за това как професорът Атанас Вангелов „утепа“ спасителя на българските евреи Димитър Пешев е един от над 80-те, които македонските медии упорито връщат на Сърбиновски през годините. Той разкрива една от уродливите прояви на македонизма, приела наукообразен вид. Вангелов, който се хвали, че е слушал лекциите на Цветан Тодоров в Сорбоната, не е разбрал най-важното за наскоро починалия знаменит нашенец: той си остана българин, въпреки че го брояха за елитен френски интелектуалец. Вангелов си остана това, което беше и преди, и след Сорбоната – българомразец. Да си такъв е доходоносно занимание в Северна Македония.
         Няколко думи за автора. Младен Сърбиновски е роден преди 62 години в гостиварското село Вруток, край което извира Вардар. Завършва социология, което си личи от текстовете му. Есеист, романист, драматург. Почетен доктор на Югозападния университет „Неофит Рилски“. Приятел на България, който отчита днешните реалности в родината си. Няма български паспорт, това не му пречи да е българин в сърцето си.

АТАНАС ВАНГЕЛОВ “ГО УТЕПА“ ДИМИТАР ПЕШЕВ

Младен Србиновски, писател

За време на досегашното четиригодишно “европско“ владеење на Зоран Заев со (Северна) Македонија, од мојата скромност успеа да излезе само еден текст на светлото на денот, Нашето кардашијанење, на скопскиот портал “Либертас“. Но и тој текст потоа порталот го избриша. А, сум им испратил за ова време на повеќе портали, барем осумдесетина текстови. За сите години на владеењето на СДСМ со независна Македонија, од нив јас немам добиено ниту денар субвенција за книга или слично. Но ако. И сега ја поддржувам политиката на Зоран Заев затоа што тој сега мора да ги спроведува европејските гледишта, пред триесет години јас што им го пишував. Тоа е европскиот поглед на и од Македонија. Тантиеми за плагијат нема да му барам. Еве Ви уште еден мој текст од пред неколку месеци одбиен од “Либертас“.  
Ај, што не ти даваат раат да живееш и спокојно да читаш, нашиве колумноклепачи не ти даваат спокојно ни да молчиш. Ај, божем помалку читај ги, ај не гледај телевизии, не прави фејсбук страница, седи на страна, пак не бива. Неуморни се во лошотијата.
Еден од аздисаните македонистички бесрамници, бивш амбасадор и универзитетски професор, Атанас Вангелов, на сајтот на Либертас секогаш со простор за ширење омраза, за својата колумна, За да спаси свои, Бугарија жртвува туѓи Евреи, од 25. 09. 2020., сепак, заслужува неколку редови презир. 

Сенешто во Северна Македонија, буквално сенешто, дури и

непоимливата трагедија на македонските Евреи

постојано ни служи за наши дневни (зло)употреби, а никој за седумдесет години наш “слободен“ развој не се нафати таа наша колективна траума целосно да ја опфати, разработи или раскаже. За болната и полна со парадокси трегедија, за депортирањето на Евреите од Македонија, а за спасувањето на Евреите од Бугарија, најтравматичниот настан во тие нецели четири години живот во една држава, Голема Бугарија, пред десет години објавив роман, “Шашма“. Околу една година пред филмот “Трето полувреме“, што не е најбитното во случајов. 

За мојата и сечија писателска и читателска среќа, Евреите запишуваат, паметат и дури се осудив да пишувам за оваа пречувствителна тема, но и голем залак каков што вистински писател (од воспитаност тоа нема да го речам сам за себе) само може да посака. Прочитав поприлично од мемоарските книги на преживеаните Евреи и од Македонија и од Бугарија, сум разговарал со стари скопјани и немајќи намера сега да ви го раскажувам моето сочинение, можам само пољубопитните во Скопје да ги упатам барем на една книга, Недофатливи за раката на Хитлер, од Михаел Бар Зоар, Софија 1999., сведоштва на бугарски Евреин, по војната преселен во Израел и подоцна доктор по историја од меѓународен ранг. Оваа книга сеуште стои на тезгите со книги покрај Вардар и освен уживањето во убаво историско четиво, вие што сакате да ја купите, можете сами да се уверите како се одвива целиот овој жален настан и ќе можете сами да видите како проф. Вангелов и останатите наши македонистички Атанасчовци безобразно ги извртуваат познатите факти. Ништо поинаку од нивниот “научен пристап“ и по сите останати историски и општествени наши теми.
Најпонижувачкото со др. Атанасчо е што овој и ваков наш бескрупулен лажго од универзитетски професор е што се фатил за прочуениот Цветан Тодоров, па, демек, со него, со бугарски камен ќе ги удира Бугарите, и наместо нив, со целосното свое житејско дејствување како и со споменатово омразописание, тој и не само тој, нам овде на (Северно)Македонците пред се ни ги крши тимбите, па сите сега се чудиме во каква провалија не турнаа нашите учени.

Шандор Мараи при руското навлегување во Будимпешта во 1956., ако велеше дека не може заради руското дивеење веќе да ги чита и Пушкин и Достоевски, и јас од постојаното вакво македонистичко дрндање на таквите како Атанаса, одамна не го пофаќам Цветан Тодоров. Се разбира и Конески. 

Да не ширам, да ви ја соопштам

причината за овој текст

Ви споменав и книга на еврејски автор со податоци од каде ќе можете и мене да ме проверите. Накусо: главните иницијатори на успешно завршената борба за спасаувањето на бугарските Евреи при веќе поставените вагони за нив по железничките станици низ Бугарија, започнува од четворица хумани, обични ќустендилци, што велиме, од мајка родени, кои при голем ризик, одат кај својот угледен земјак во Софија, Димитар Пешев, во моментот потпретседател на бугарското Собрание, го информираат за надвиснатата опасност врз нивните еврејски соседи, се организираат и утредента, во невидени трчаници, хаоси, успеваат да ја ставаат оваа точка на собраниски дневен ред, водат собраниска расправа и убедувања и на крајот на денот се изгласува стопирање на тајниот, до детали подготвениот план за собирање и депортирање на бугарските Евреи кое треба да почне идната вечер. 

Овој неверојатен потфат, во Бугарија се случува пред да се депортираат македонските Евреи, а неколку дена по депортирањето на тракиските Евреи за кој настан и не знаат до тој момент пратениците во Собранието. Значи, не е точно тврдењето на Вангелов дека тогаш баш било само во прашање, обична трампа, на “наши“ наместо “нивни“ Евреи. Иницијативата доаѓа, одоздола, со сегашен речник кажано тоа е класична, блескава граѓанска активност која е молневито, за еден ден озаконета во бугарското Собрание. Најповеќе по заслуга на Пешев. 

За разлика од бугарските Евреи среќници, кај нас има повеќе фактори кои не им одат во полза на македонските Евреи. Пред се, од нетактичкото бугарско административно превземање на Македонија и беломорска Тракија, нашава територија е правно недефинирана и не може да се определи дали сме ние рамноправен дел од таа држава. Немаме заеднички парламентарни избори, немаме во тој клучен момент наши, македонски пратеници во бугарското Собрание за таа одлука де се соопшти и да важи и во “новоприпоените краишта“, а немаме ни од народот избрана локална власт. Македонските Евреи дотогаш припаѓаат на југословенската еврејска конзисторија, а потоа се само посебен ентитет во правно дива административна област. Каде што со нелегитимни административци и при воено полициска управа, полесно е да му успее и му успева монструозниот план на Белев.
Мојата скромност најмалку е повикана и компетентна за да биде врховен арбитер, но малку се во животот величенствените примери од ништо, успешно кога се завршува некоја работа која на почетокот малку ветува. А тоа е бацил и за добра литература.

Бацилот на доброто кој што експлодира во бугарското Собрание и го неутрелизира првиот, најсилниот антиеврејски удар, современите еврејски историчери целиот процес до точка ќе го истражат и веројатно го имаат истражено. И ние, македонистичките душегрижници, за еврејската вистина да не се грижиме. Требало на времето нешто друго за нив да направиме. 

Постојано повикувајќи се на Цветан Тодоров, мора да се каже дека на Атанас Вангелов и сега и секогаш, заклучоците му се погрешни. Неговите текстови ја имаат основната фалинка на логичките закони, од погрешни, или намерно погрешни премиси, секогаш доаѓа до погрешни, или намерно погрешни заклучоци и мислам, веќе покажавме дека и над бугарските Евреи им висело над глава депортирањето.
Точно е, кај нас бугарската царска војска во Скопје, Битола и Штип ги исполнува Хитлеровите планови и таа ги собира Евреите во скопскиот монопол. Тоа не е херојски чин што го прават и од тоа нема потреба да се бега. Но, сега почнува големото и непријатното за нас, Но. 
Да уточниме. Евреите се собрани на 9 март 1943г., седат среде Скопје во жици и се депортирани на три пати, на 22, 25 и 29 март. Последната депортација е дури по дваесет дена, дури по три недели од нивното апсење. Што прави за тоа време нашиот “слободољубив“ град тие дваесет дена? Дали нешто спонтано или организирано се превзело за спас на своите несреќни сограѓани како што го направиле ќустендилците, а потоа и софијанците? Каде е толку фалената скоевска младина и партизанските единици кои славен бој биеле со “клетите фашисти“? Дури едни скопјани седат во жици на тие мартовски студови, градот за сето време најнормално си функционира, работат кината, кафеаните, театарот, пазарите, училиштата, црквите, џамиите, излегуваат весниците, свири радиото... Дали имаме свест и совест или упорно и понатаму ќе држиме до наша нечувственост за однесувањето на нашите предци во тоа премреже? Нека не успеале, берем да се обиделе, барем некаков протест пред жици да организирале... 

Умрела македонистичката вражарка да ме пофали, но токму моиве зборови се доближуваат до вистинските заложби на Цветан Тодоров за вникнување во Другиот, а не од Цветановите есеи Атанас свесно да конструира заклучоци кои што поттикнуваат омраза.
Продолжуваме. Кои се “правдањата“ на бугарската страна? Бугарската армија е хитлеров сојузник и ниту еден бугарски војник не е испратен и не испукал ниеден куршум против антихитлеровата коалиција на ниеден светски фронт. Бугарската армија единствено што прави е нејзиното, најпосле “дочеканото“, влегување во Македонија. Петтата бугарска армија е со цвеќе пречекана во Македонија и заедно со Словачка, тоа се единствените две држави каде што со цвеќиња се пречекани сојузничките Хитлерови војски.

Каде е грешката во чекори на таквите “правдања“?

Во интелектуалната тапост. Наместо уште повеќе да си го бранат, да си го популаризираат и да се гордеат со она што одвнатре од народот, најдлабоката човештина во еден момент што испливува на површина, заедно со Данска што се единствените држави што ги спасиле своите Евреи, денешна Бугарија и сега се труди и го брани “снегот лански“. Изживеаните, бивши институции на одамнешна власт. Ја брани државноста. А, во државност најстара во Европа има периоди на секакви уредувања. И деспотски и царски и туѓи и “гнили“ и “здрави“ и фашистички и комунистички... Или... како што сега во моментов, по улиците на Софија што се одвиваат улични протести против “олигархска“ власт...

Држава која што држи само до институциите, секогаш има понижен народ. Па била таа и најстарата национална држава во Европа.
Бугарската царска војска од Петтата армија нема на себе фашистички еполети и нејзиниот педесет процентен состав од дојдените војници во Македонија се со македонско географско потекло (како виното!), а шеесет проценти од нејзиниот команден кадар исто така е од македонско потекло. 
Убиениот бугарскиот стражар на 11 октомври пред прилепскиот участок е Петар Колев од Смилево, а револуционерот убиец е прилепчанецот, Душан Наумоски. Прилепчанец убива смилевчанец... 

Ваквите убиства во Првата светска војна за македонистичката историографија и литература, а тоа значи и за Атанас Вангелов и за Конески и за сите нас останати македонисти, се братоубиства, а во Втората светска војна, тие и таквите убиствца се револуционерен чин за национално, класно и социјално ослободување на (не ја заборавајте големата буква, ве молам!) Македонците. 

Да финишираме. Од распалената позитивна енергија на човештината од четворицата ќустендилчани, плус ќустендилчанецот во Собранието, значи петмина, кошаркарски речено, првата петорка од дрим тимот на бугарската хуманост, зафатена е потоа бугарската јавност и многу институции и поединци, пред се, Бугарската православна црква. Овој убав процес на осоземање и преобразување на обични исплашени единки во правдољубиви и храбри луѓе трае во наредните две години и тие често пати имаат и големи улични судири со властите за заштита на своите соседи Евреи. Во таа своја благородна намера успеваат и ниеден Евреин од педесеттината илјади Евреи од старите граници на Бугарија не е испратен во логорите на смртта.
Сепак, Димитар Пешев, рамниот по хуманоста на Оскар Шиндлер, “не преживува“. Професорот Атанасчо Вангелов “го утепува“ во 2020г., во  неговата спомената колумна. Од само нему темни причини, измислува дека Пешев е стрелан во 1945! Дрн, дрн... Вечниот македонистички дрн, дрн, кој има намера вечно на овој начин да суштествува... 

Ете, неговиот син, Огнен Вангелов, наше младо момче, завршило политикологија по светот, што е за поздрав и убаво. Образован млад кадар каков што ни треба, веќе вработен во Министерството за надворешни работи и од скоро и член во Комисијата за пеглање на историските факти. Што од него во иднина ќе испадне? Наместо во иднина да ме демантира во моите сомненија и да се покаже рационален хуманист, тој како и татко му, на времето испратен од УДБА на Сорбона, го слушал прочуениот Цветан Тодоров, се комплексирал и се враќа во Македонија како најзаслепен македонист. А, знам, како што знам и не треба секој ден да проверувам дали Вардар од мојот Вруток навистине тече кон Солун, знам, при наредното политичко ротирање, Огнен Вангелов ќе биде нашиот иден министер за надворешни работи. Зашто до олку се бламираат северномакедонските македонистички интелектуалци?   

  Не се работи овде од Атанас за случајна грешка со Димитар Пешев, за замена на имиња или моментна човечка деконцентрираност какви што на секого му се случуваат, па читателот над таквите наши превиди преоѓа со разбирање. Овде е сосема друго, овде Атанас за да го поткрепи своето и до сега

незатскриено македонистичко антибугарство,

нејќе да остави крупен лик од бугарското секојдневие кој не ќе го искалави. Има нешто вистина, по војната Пешев е несимпатичен за новата власт, но тоа и тогаш и сега, не е само бугарски специјалитет. Малку ли ни е од нашиве македонисти на кои цел свет им се чуди на нивните фалсификати?Малку ли светот позинува од нашите грандомански градежни проекти? Редно е нашите Атаснасовци еднаш да го објаснат својот ментален северномакедонски македонизам кога и при школување на најевропски школи, како потоа стануваат уште позкоравени во мислата и дејствувањето?
 Атанас Вангелов со повикувањето на Цветан Тодоров и испраќајќи го Димитар Пешев “на стрелање“, сака да го постигне она за што и седнал да ја напише колумната. “Одвнатре“ да ја покаже бугарската злоба и да ја дозасили омразата кај македонските читатели кон Бугарија дури и во овој случај, при нивното неспорно граѓанско хумано вишнеење и во најлоши времиња на нивното државно управување, светот што им го признава. Кое што кај нас, во јуначка Македонија, не се случило. Нашиот Танчо тргнува од утврдената македонистичка хипотеза, колку повеќе погании, толку повеќе признанија и напредувања, па ќе помине и ова. И поминува...  

Нема, златен мој, Атанасе, нема македонистичка книга, нема текст што сум ви прочитал да не можам да ви го расшрафам на составните делови на омразата. Но што да се прави? Македонија сеуште за вас е исто што и македонизам. Кај ти текнуваат вакви работи, професоре? Кај ги прочита овие податоци, црн Атанасе? Ич не ме чуди ако во наредните колумни, во кои несомнено пак ќе се самонадминеш, ако речеш дека бугарските Евреи ги спасил Блаже Конески. Аргумент имаш, Благој Конев во тоа време студира во Софија. Што ќе беше овој ваш безобразлак, Атанасе? 
По логиката на комунистичките водачи, по војната, навистинаТодор Живков овој чудесен граѓански потфат сака и си го припишува како негова заслуга и заслуга на Партијата, а Димитар Пешев живее повлечено, со мала пензија и умира 1978г. Но бугарските Евреи не му ја забораваат пожртвуваноста во Собранието во опасните времиња и затоа неговиот потфат е уште повеличенствен. Затоа што токму во тоа Собрание претходно, без да се помисли на последиците, донесен е антиеврејскиот Законот за заштите на државата.

Да знае само кутриот Цветан Тодоров кој го чита и кој на него постојано се повикува. Читај го Атанасе и понатаму Цветан Тодоров, тоа е добра лектира, Само си

негов лош ученик

Прифати еднаш нешто од тој “хуманистички апостол“, а на цел живот го читаш и преведуваш и цел живот си наш апостол на шовинизмот. Еве, отвори барем Википедија и самиот види како светот го слави Димитар Пешев.
  Погледни ги илјадниците одредници за овој хуманист небаре е поп пејач. Види како Евреите му се восхитуваат и му благодарат во Јад Вашем, види како Европското собрание му оддава почит, какви објекти го носат неговото име, оди во неговата родна куќа претворена во музеј кога ќе се затечеш во Ќустендил...

Може само да замислиш, Атанасе, колку трогателно топли биле средбите на спасените бугарски Евреи со веќе својот остарен другар од детството кога понекогаш тие доаѓаат во старата татковина. Има еден момент, при една таква посета, кога неговиот еврејски другар се потсетува дека Митко во младоста сакал да се наконтува, па покрај другите подароци, по малку и парични, кои обично Пешев ги одбивал, го соблекува од себе и својот, некој многу убав пуловер и му го подарува.

Атанасе? Што ќе правиме вака? Се одврза македонскиот јазол, Атанасе. Сплетканиот огромен јазол колку нашата минијарурна Македонија се одврза и македонската бовчичка проблеми врзана со македонистички коноп тресна од земја. Нашето паѓање заврши, Атанасе. Пред наши очи бовчичката се распукува и од неа изскокаа недоброј проблеми од кои, со право, добиваме вртоглавица. Внатрешните меѓуетнички односи, надворешните меѓусоседски, корупцијата, сиромаштијата, самоволието, судството, екологијата...
Не, не дека Атанасчо не чита, не дека овие и вакви слични работи не ги знае, не дека и моите романи не ги чита. Ќе го потсетам само на едно. На една одамнешна наша случајна средба, па, сигурно пред триесет години пред Домот на младите во Скопје. Само како ме фалеше за моето тогаш објавено романче за деца, Година со тринаесет месеци. Ќе пишувам за тоа романче, ми велеше, во белградските Књижевне новине, светско писателиште ќе направам од тебе. Подоцна ја уплескавме и “непријатели“ станавме.

Се имам чувство дека не можеш да се ослободиш, Атанасе, од болката на убавината што ти ја предизвикуваат моите текстови и книги кога ги читаш, а не можеш за нив да пишуваш. Дека не си бил достоен да ги проценуваш. И ти и останатите македонисти. Жалам, најискрено жалам. Македонија го има Писателот, а тој ве има вас, воајери на вечната јаловост. Македонска, наша. Има ли нешто посмешно, Атанасе, една држава, во случајов Бугарија, да сака него да го номинира за Нобелова награда за литература, а друга, во случајов неговата родна земја Македонија, дури пред десет години нејќеше да го прими за обичен член во Друштвото на писатели на (Северна) Македонија.
Не ковид деветнаесет, Атанасе, ние сме ментален ковид дваесет, а какви што сме балкански јанѕи, можеби и ковид дваесет и еден... Ученику на хуманистот Цветан Тодоров.

Стани приятел на Поглед.инфо във facebook и препоръчай на своите приятели